Бледо полувреме во Финска: Македонија губи со „минус два“

Македонската ракометна репрезентација игра под своето ниво на гостувањето против Финска, на одмор заминувајќи со негатива од два гола (14-12). „Црвено-жолтите“ се мачат да влезат во ритам во нападот, недостига и цврстина во одбраната, а мотивираниот фински состав знаеше како да го искористи тоа, контролирајќи го резултатот во текот на првите триесет минути и сосема заслужено заминувајќи со „плус два“ на одмор.

Селекторот Лазаров се реши за интересна прва постава, со бековската линија Ѓоргиев – Талески – Велковски, Пешевски како стартен пивот и Томовски на голот. Манасков не реализираше пенал при 1-1, а Финците со напади „седум на шест“ набрзина поведоа со 3-1. Македонија експресно се врати во ритам, со голот на Талески од сопствената половина израмни на 3-3, а во 10. минута со вториот прецизен пенал на Филип Кузмановски поведе со 5-6.

Нападот не беше на посакуваното ниво, се соочивме со проблеми во одбраната на оние „седум на шест“ на Финците, па Кире Лазаров во 17. минута го побара и првиот тајмаут. По оваа пауза Лазаров самиот влезе во игра, заедно со Стоилов, Кузмановски и со Миркуловски, но Македонија не ги искористи првите три напади и противникот поведе со 10-8. Стоилов ја прекина мини-серијата на противникот, но мотивираните домаќини продолжија со налетот, ја полнеа мрежата на Томовски и набрзина поведоа и со три гола разлика (12-9).

Кузмановски промаши пенал при водство на Финска од 12-10, а голманот Росландер во 24. минута ја собра и својата десетта интервенција создавајќи им огромни проблеми на нашите ракометари во фазата на нападот. Кузмановски изнуди пенал и исклучување при 13-10 на четири минути до крајот. Две минути подоцна исклучување изнуди и Миркуловски, Македонија се приближи на 13-12, резултат при кој Маџовски од зицер биеше само во гредата, па со голот на Сакинен домаќините поведоа со 14-12.

Јасно е, во вториот дел ќе мора да се одигра далеку подобро, пред се во нападот, за да се направи пресврт и да се стигне до посакуваната победа.

Се вчитува...