Блесок на Лилард за Милвоки, Дончиќ доби помош во Вашингтон

Милвоки успеа да слави на гостувањето против Торонто со 112-128, меч за кој поранешниот првак не можеше да смета на првата ѕвезда Јанис Адетокумбо, но затоа во своите редови го имаше расположениот Демијан Лилард. Засилувањето од Портланд го одигра својот најддобар меч во дресот на Милвоки, постигнувајќи 37 поени надополнети со 13 асистенции. Тој имаше одлична помош и од Барнс, кој реализираше 29 поени, 9 скока и 7 асистенции, додека во таборот на Торонто најдобар поединец на синоќешниот дуел беше Бисли со 30 постигнати поени.

Лука Дончиќ и Далас експресно се вратија на победнички патеки, триумфирајќи на гостувањето против Вашингтон со 117-130. Далас мечот го доби уште во првото полувреме во кое поведе со 51-71, по што во вториот дел само рутински ја одржуваше предноста. Дончиќ беше одличен со 26 поени и 10 асистенции, а синоќа имаше и значителна помош од Хардавеј, кој беше прв стрелец на мечот со 31 постигнат поен за 26 минути игра.

Бостон славеше на гостински терен во Филаделфија со 107-117, одмаздувајќи му се на ривалот од Источната конференција за поразот од минатата седмица. Тејтум со 29 и Вајт со 27 поени ги предводеа стрелците во победничкиот состав, додека кај Филаделфија центарот Ембид беше запрен на 20 поени и 9 скока.

Серијата од три победи на ЛА Лејкерс беше прекината со поразот на домашен терен од Сакраменто од 110-125. Леброн Џејмс оствари трипл-дабл од 28 поени, 10 скока и 11 асистенции, но и тоа беше недоволно за триумф. Сакраменто во своите редови го имаше одличниот Сабонис со 29 поени и 16 скокови, додека Фокс и Хуертер постигнаа по 28 поени во овој голем триумф на „кралевите“.

Резултати НБА:

Вашингтон – Далас 117-130, Атланта – Њујорк 114-116, Филаделфија – Бостон 107-117, Торонто – Милвоки 112-128, Чикаго – Орландо 94-96, Феникс – Минесота 133-115, ЛА Лејкерс – Сакраменто 110-125, Портланд – Кливленд 95-109.

Се вчитува...