Славниот француски клуб има рок од една недела да се спаси од „ЗГАСНУВАЊЕ“!

Судбината на славниот француски клуб Бордо се уште е неизвесна. Иако се очекуваше жалбата против одлуката за исклучување од националните натпреварувања да се разгледа на 10 јули, француските медиуми објавуваат дека расправата пред Комисијата за жалби е одложена за 15 јули.

Според француските медиуми, причината за одложувањето е тоа што не се обезбедени сите потребни финансиски средства, ниту пак се постигнати конечни договори што би можеле да му помогнат на клубот да ја избегне најтешката казна. Ова му даде на Бордо уште неколку дена да се обиде да најде решение, но времето истекува.

Во меѓувреме, играчите ги започнаа подготовките и физичките тестови во тренинг центарот Ле Ајан, но владее речиси целосен молк за иднината на клубот. Сепак, неодамнешното приближување на ставовите на инвестициската група „Спарта Капитал“ и градската администрација на Бордо, што би можело да биде клучот за финансиската стабилизација на клубот, им дава одредена надеж на навивачите.

Комисијата за жалби при ДНЦГ донесе одлука да го исклучи првиот тим на Бордо од сите национални натпреварувања, што претставува една од најстрогите казни во францускиот фудбал. Токму затоа жалбената постапка закажана за 15 јули би можела да биде одлучувачка за иднината на еден од најтрофејните клубови во Франција.

Сите очи сега се насочени кон 15 јули, кога ќе се знае дали Бордо ќе може да го спаси своето место во францускиот фудбалски систем или еден од најголемите клубови во историјата на францускиот фудбал ќе доживее уште еден тежок удар.

Се вчитува...