Блесок на Меси, „самоубиство“ на Ница

Лео Меси блесна во претпоследното коло од француското првенство, предводејќи го ПСЖ до убедлива победа од 0-4 на гостувањето против Монпелје. Аргентинскиот генијалец беше незапирлив во првите петнаесетина минути во кои постигна два погодоци, а по него во листата на стрелците се запишаа и Ди Марија и Мбапе.

Ница пред извесен период беше второпласирана на табелата, но серијата слаби игри кулминираше со денешниот домашен пораз од Лил од 1-3, со што овој тим падна на шестата позиција на табелата, со сериозна опасност на едно коло пред крајот Ница да не се пласира во европските купови наредната сезона.

Монако се врати од негатива од 0-2 на домашен терен со Брест и на крајот триумфираше со 4-2, за искачување на второто место на табелата. Бен Једер постигна важен гол за да намали на 1-2 пред самиот крај на првото полувреме, по што „кнезовите“ доминираа во вториот дел и постигнаа уште три погодоци (два на Бен Једер, еден на Фоланд).

Монако има подобра гол-разлика на второто место во однос на Олимпик Марсеј, кој вечерва загуби со 2-0 на гостувањето против Рен. Бурижо и Мајер беа стрелци на головите со кои Рен се искачи на четвртата позиција, прескокнувајќи ја Ница на прволигашката табела.

Се вчитува...