Блокотехна брка „мајсторка“, а Работнички финале

Блокотехна и Работнички ќе се сретнат вечерва (20.15 часот) во салата „НОЕЛ“ во Гевгелија, во четвртиот полуфинален дуел кој ќе реши дали Работнички веднаш ќе се избори за пласман во големото финале, или ривалот на МЗТ ќе биде решен со мајсторка што би се играла во вторник во Гевгелија. Домашните екипи рутински победуваа во претходните три натпревари, а на Марин Докузовски му е јасно дека Работнички ќе мора да одигра многу подобро отколку во вторникот, кога неговиот тим беше поразен со убедливи 85-58.

„Трипати во Гевгелија даваме само по 60 поени, а во кога ќе дојдеме во Скопје стигнуваме до 90 постигнати поени. Ќе мораме да го решиме тој проблем и да одиграме многу повеќе на следниот дуел против Блокотехна. Секој тренер сака што поскоро да ја заврши серијата, но нема да ни биде лесно бидејќи Блокотехна игра одлично пред своите гледачи“ – истакна Докузовски.

На спротивната страна, притисокот во пресрет на овој меч е врз Блокотехна бидејќи евентуален пораз би значел и крај на сезоната за амбициозниот клуб од Гевгелија.

„Верувам дека на следниот натпревар на домашен терен ќе играме многу подобро, според мене ова е одлична серија и двете екипи заслужуваат да се игра мајсторка и во тој последен натпревар да се реши финалистот“ – изјави тренерот на Блокотехна, Марјан Илиевски.

Се вчитува...