Блокотехна е кошмар за МЗТ Скопје, „штрковите“ приземјени во Гевгелија

Блокотехна извојува огромна победа над МЗТ Скопје од 81-78 во дерби дуелот од првото коло од кошаркарскиот шампионат. Иако со значително променет состав во однос на лани, Марјан Илиевски со својот тим повторно се покажа како кошмарен ривал за „металците“, по огромна битка приземјувајќи ги „штрковите“ кои очекуваа рутинска победа во Гевгелија. Блокотехна покажа квалитет, но и карактер, се врати од двоцифрена негатива и во драматична завршница славеше над големиот ривал, за најава на нови кошаркарски возбудувања на терените ширум Македонија.

Блокотехна во неколку наврати имаше предност во првите пет минути, но потоа МЗТ заигра подобро и со поените на Стојановски и на Маслинко вицешампионот се одлепи на „плус пет“ (10-15). Подобрата игра на аеродромци продолжи и резултираше со водство од девет поени (14-23), но Блокотехна благодарение на извонредниот Мијатовиќ (13 поени во првата четвртина) успеа да се приближи и првите десет минути завршија со водство на гостите од Скопје од 21-27. На стартот од вториот период блесна Андреј Магдевски со две тројки за двоцифрена предност на „сино-белите“ (21-33), но Блокотехна како и во многу наврати ланската сезона повторно го покажа својот карактер. Мијатовиќ сега беше подобро затворан, но затоа блеснаа дел од останатите играчи, Младеновиќ имаше седум асистенции во текот на полувремето, погодуваа Гаидис, Глигоријевиќ, Лефкоски, одлична работа во одбраната вршеше Главчев, па домаќините успеаја да се вратат целосно во натпреварот. Пред самиот крај на полувремето со двете слободни флања на Гаидис домашниот тим поведе со 49-48, пред Медфорд  да реализира пред звукот на сирената, за минимално водство на МЗТ Скопје од 49-50.

Јасно беше дека со идентично темпо во нападот не може да се продолжи цел натпревар, во третиот период зачестија промашувањата на двете страни, а и судиското трио имаше неколку дискутабилни одлуки, со кои непотребно ја крена тензијата на теренот и на трибините. Резултатски мечот се одвиваше слично како и во првите дваесет минути, МЗТ обезбедуваше предност, Блокотехна редовно се враќаше, па домашниот тим со тројката на Глаидис во 29. минута поведе со 63-62, а проблем повеќе за гостите беше четвртата лична грешка на Дамјан Стојановски пред крајот на третата четвртина, која заврши со минимална предност на домашниот тим од 65-64.

Последните десет минути донесоа фантастична битка за секоја топка, но повторно во клучен момент наместо да блеснат играчи, на сцена стапија судиите. Се играше 37. минута кога арбитрите му досудија му техничка грешка за „флопинг“ на Дамјан Стојановски при очигледен контакт, воедно и петта лична за капитенот на МЗТ. Во последните три минути се влезе со минимална предност на Блокотехна од 75-74, за Младеновиќ да погоди тројка за домашниот тим (78-74). Медфорд возврати со иста мера, по што Илиевски при водство на неговиот тим од 78-77 побара тајмаут на 1:18 минута до крајот.

Гаидис не беше прецизен, но на спротивната страна чист шут на тројка промаши и Магдевски. Како клучен се покажа офанзивниот скок на Главчев, по кој дојде до мешаница на теренот и досудена мртва топка, која им припадна на домашните кошаркари (15 секунди до кајот, 78-77). Магдевски направи лична грешка врз Младеновиќ, по што плејмејкерот на Блокотехна ги погоди двете слободни фрлања за водство од 80-77. Следеше фаул врз Магдевски по кој гостите бараа три слободни фрлања, добија две. Плејмејкерот намерно го промаши вториот обид, но топката не го удри обрачот, па Блокотехна доби топка на четири секунди до крајот при позитива од 80-78. Следеше брз фаул врз Николиќ, новиот плејмејкер на Блоко реализираше еднаш, по што на спротивната страна следеше нов тактички прекршок, овојпат над Медфорд на 1,1 секунда до крајот. Американецот го промаши првото слободно фрлање, што значеше и крај на драмата и победа на тимот од Гевгелија со 81-78.

Литанецот Гаидис беше најефикасен со 20 поени и девет скокови, Мијатовиќ реализираше 17 поени и девет скокови, а Николиќ, Лефкоски и Глигоријевиќ постигнаа по 11 поени. Кај МЗТ Скопје најефикасни беа Стојановски и Младеновски со по 15 поени.

Се вчитува...