Блокотехна се искачи на третото место на табелата во Супер-лигата откако тимот на Марјан Илиевски на гостински терен го совлада Гостивар со резултат 66-78. Гостиварци славеа на првите три средби сезонава со ривалот од Гевгелија, но Блокотехна ги доби најважните пресметки со овој ривал, најпрвин во полуфиналето од Купот на Македонија, а потоа и на вечерашниот исклучително значаен меч во битка за третото место.
Уште од самиот почеток гостинските кошаркари наметнаа силно темпо на кое играчите на Гостивар немаа одговор. Младеновиќ беше незапирлив за домашните играчи, па Блокотехна ја доби стартната четвртина со 14-25. Гостивар одлично го стартуваше вториот период, намали на 22-25, но по тајмаутот на Илиевски гостите повторно ја добија неопходната сигурност, па со серијата поени на Младеновиќ и на Пен на одмор заминаа со „плус осум“ (32-40).
И покрај обидите на гостиварци за камбек на резултатски план, Блокотехна одлично го контролираше мечот до самиот крај, триумфирајќи заслужено со конечни 66-78.
Пен беше најефикасен во победничкиот тим со 23 поени, а извонредна партија одигра Младеновиќ, постигнувајќи 22 поени, 7 асистенции и 5 украдени топки. Американецот Ефианаи со 23 и Димчевски со 13 поени беа единствените во таборот на Гостивар со двоцифрен ефект.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА