Блокотехна набива комплекс – шеста победа во низа над Кожув

Блокотехна ја продолжи својата доминација во меѓусебните дуели против Кожув, набивајќи му комплекс на градскиот ривал со шестата победа во низа во гевгелиските пресметки. Кожув се уште е без триумф над Блокотехна откако овој клуб се формираше и влезе во Првата лига, откако Блоко славеше и на денешниот градски дуел, со убедливи 76-67 во салата „Ноел“. Иако ова беше седми натпревар за Блокотехна во изминатите 17 дена, градското дерби беше доволна инспирација за избраниците на Марјан Илиевски да го победат заморот и да го совладаат Кожув, во чии редови значително се осети неиграњето на Никола Караколев.

Кожув беше подобар противник на самиот почеток, во кој гостите имаа поведоа со 2-7, а потоа имаа и најубедливи „плус шест“ (8-14). Американецот Пен со тројка го најави влегувањето во ритам на Блокотехна, домаќините преку Младеновиќ израмнија на 14-14, а потоа ја завршија четвртината со минимална предност од 20-19 со поените на Џумиќ. Домашните кошаркари се мачеа со шутот од далечина, од првите 11 обиди за тројка погодија само една, па Кожув повторно имаше водство во првиот дел од четвртината (26-30). И повторно Пен погоди од далечина, по што избраниците на Илиевски заиграа далеку подобро во нападот, па со поените на Главчев во рекетот заминаа на одмор со седум поени предност (39-32).

Јасно беше дека Кожув нема да се предаде, гостите се бореа за секоја топка, а Блокотехна се соочи со проблеми на центарската позиција откако Мијатовиќ направи три, а Џумиќ четири лични грешки. Гостите дојдоа на еден поен негатива (44-43), но Главчев погоди тројка во клучен момент за домашниот состав, по што Блокотехна направи нова мини-серија и со поените од линијата за слободни фрлања на Николиќ стигна до најубедливи девет поени предност (54-45). Во 28. минута повторно прецизен за три поени беше Главчев, за прва двоцифрена прдност на домаќините (59-47), кои влегоа во последната четвртина со убедливо водство од 65-55.

Кожув постигна две тројки кон крајот на третиот, а потоа и една на стартот од четвртиот период, за да ја спушти разликата под десет поени. Темпото во нападот на Блокотехна опадна, но тимот на Илиевски играше добро во одбраната, принудувајќи ги гостите на чести грешки. Гостите дојдоа само на шест поени разлика (69-63), но Пен со нова тројка стави печат на победата на Блокотехна, изразена со конечни 76-67.

Брендон Пен со 20 поени беше најефикасен кај Блокотехна, 14 постигна Главчев, а 12 Мијатовиќ, додека кај Кожув најдобри поединци беа Вилијамс со 20 и Зекири со 11 поени.

Се вчитува...