Блокотехна покажа „кој е кој“ во Гевгелија

Блокотехна и по деветтото коло останува на чело на прволигашката табела откако тимот предводен од Марјан Илиевски вечерва му одржа лекција на градскиот ривал Кожув (64-76). Гевгелиското дерби требаше да донесе неизвесна битка, но наместо тоа мина во доминација на гостинскиот состав кој апсолутно ја заслужи оваа победа.

Кошаркарите на Блокотехна уште од самиот почеток го наметнаа посакуваниот ритам, па во раната фаза од средбата поведоа со 6-16. Кожув најдобриот период во мечот го имаше во финишот од првата четвртина (18-23) и стартот на вториот период, кога домашните дојдоа и до само два поени разлика (30-32). Мијатовиќ ја прекина серијата на Кожув, потоа следеа две тројки на Младеновиќ и на Мијатовиќ, за фуриозен финиш на полувремето на Блокотехна. Како што минуваше времето, така и предноста на гостите се зголемуваше, па по тројката на Николиќ со звукот на сирената првото полувреме заврши со преубедливи 33-53.

Блоко ја почна третата четвртина без постигнат поен во првите три минути, домашниот тим ја намали негативата, но избраниците на тренерот Николов немаа сили за целосно да се вратат во мечот. На шест минути до крајот предноста на Блокотехна падна на десет поени (55-65), но капитенот Главчев погоди во вистински момент за гостинскиот тим. Последниот обид на Кожув беше одбиен, па Блоко рутински го приведе мечот, со значаен триумф во првото овосезонско градско дерби изразен со двоцифрена разлика.

Младеновиќ повторно беше блиску до трипл-дабл завршувајќи со 17 поени, девет скока и девет асистенции Мијатовиќ постигна 15, а Главчев 12 поени. Најефикасни во таборот на Кожув се Луис со 21 и Караколев со 19 поени.

Се вчитува...