Екипата на Блокотехна по едногодишна пауза ќе се врати на македонската кошаркарска сцена, неполна година откако овој клуб згасна непосредно по освојувањето на БИБЛ-лигата и пласманот во финалето од Купот на Македонија.
Управата на клубот донела одлука за враќање на кошаркарските патеки, а планот е да се стартува од Втората лига, шанса давајќи им на младите македонски кошаркари.
„Точно е, одлучивме да се вратиме. Кошарката е спорт што обединува и сплотува. Гевгелија ја сака кошарката и мислиме дека нема да биде премногу ако постои уште еден клуб. Респект кон КК Кожув, но чувствуваме дека ќе има малку место и за нас. Нормално, ќе стартуваме од најнискиот ранг и ако Господ даде, а ние ќе му помогнеме, амбициите ќе ни бидат експресен влез во Првата лига“, истакнуваат од раководството на КК Блокотехна.
Воедно, прва одлука на управата на клубот од Гевгелија е за донација кон Црвениот Крст, за помош во борбата против Ковид19, во висина од 200.000 денари.
„Наш прв чекор ќе биде помош од 200.000 денари кон Црвениот Крст, наш мал придонес во оваа тешка борба со која сите се соочуваме“, порачуваат од Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА