Блокотехна се засили со српски центар за Купот на Македонија

Блокотехна е најновиот македонски прволигаш кој реши да се засили во пресрет на завршниот турнир од Купот на Македонија, откако амбициозниот клуб од Гевгелија потпиша договор со Божо Џумиќ. Тренерот Марјан Илиевски беше во потрага по засилување за центарската позиција, а од неколкуте опции што ги имаше беше избран Џумиќ, кој во текот на оваа седмица ќе пристигне во Гевгелија.

Со ангажманот на Џумиќ значително се засилува центарската позиција, каде Илиевски досега го имаше незаменливиот Мијатовиќ, со Литванецот Гаидус и со Глигоријевиќ како резервни опции (иако и двајцата подобро се снаоѓаат на позиција „четири“).

За очекување е новиот 27-годишен кошаркар да одработи неколку тренинзи со новиот клуб, пред во петок да дебитира во дресот на Блокотехна во четвртфиналниот дуел од Купот на Македонија против екипата на Охрид. Српскиот центар има настапувано една сезона и во дресот на Партизан, има и кратко искуство во АБА низ настапите за ФМП, а во Блокотехна доаѓа од редовите на словенечкиот клуб Хелиос.

Се вчитува...