Блокотехна веќе не е изненадување, туку дел од елитата

Тимот на Блокотехна беше најпријатно изненадување во ланската сезона од кошаркарскиот шампионат, откако во првата година од своето постоење клубот од Гевгелија стигна до полуфиналето во плејофот и во Купот на Македонија, воедно пласирајќи се и на Ф4 турнирот од БИБЛ-лигата. Со добрите игри во последните месеци екипата предводена од Марјан Илиевски на најдобар можен начин покажа дека не е „чудо за една сезона“, туку сериозен колектив – по првите десет кола Блокотехна со скор 9-1 се наоѓа на делба на првата позиција, а во меѓувреме нанижа и три победи во БИЛ, иако нешто подоцна се вклучи во регионалното натпреварување.

„Дебитантската сезона беше и повеќе од успешна, ги наминавме целите кои беа зацртани и затоа секој од нас мора да биде презадоволен. Одигравме одлични натпревари, победивме силни ривали, мое мислење е дека сето ова што се случува е резултат на начинот на кој тренираме и довербата што тренерот му ја дава на секој кошаркар. Да бидам искрен, никој од нас не очекуваше по првите десет кола да имаме девет победи, но тоа ќе ни биде само мотив повеќе да продолжиме во ист стил“ – истакнува капитенот Горан Главчев.

Клубот од Гевгелија одигра низа тешки натпревари, од дел излезе како победник, на некои мораше да му честита на противникот.

„Победите и поразите се составен дел од овој спорт. Ако треба да издвојам, најзначајни триумфи за мене беа оној во Аеродром над МЗТ на стартот од ланската сезона, кој дефинитивно уште повеќе ни ја зголеми самодовербата, како и триумфот на домашен терен над Левски во БИБЛ. Што се однесува до поразите, дефинитивно најболен беше оној од Левски во полуфиналето од фајналфор турнирот во Самоков, кога одигравме одлично против силниот ривал, но за жал не се најдовме во големото финале“ – открива Главчев.

За капитенот на Блокотехна нема дилеми околу амбициите за 2019 година, во најмала рака да се повторат ланските резултати.

„Наша цел е повторно да бидеме меѓу четирите најдобри екипи во македонското првенство, како и да стигнеме на Ф4 од БИБЛ-лигата и да атакуваме на тој трофеј. Верувам дека поседуваме квалитет за такво нешто“ – оптимист Горан Главчев е во пресрет на 2019 година.

Се вчитува...