Блокотехна: Верувавме дека сме пријатели, а од Гостивар сме испратени со плукање

Блокотехна со победа на гостински терен го заврши својот прв суперлигашки натпревар во клупската историја, но раководството на клубот од Гевгелија е изненадено од реакциите на тимот на Гостивар, кој вината за поразот ја побара кај судиите. Гостиварци преку соопштение искажаа разочарување од делењето на правдата, најавија дури и дека ќе размислат дали ќе продолжат со натпреварување, но од Блокотехна порачуваат дека вистината е поинаква.

„Искрено сме разочарани што дочекавме ваков однос од клубот за кој верувавме дека градиме пријателски односи, нашите играчи со плуканици од голем број фанови да бидат испратени кон соблекувалните. Кошарката е спорт во кој треба да победува подобриот на терен, сакаме да потенцираме дека сезонава на сите натпревари успеавме да го победиме Гостивар со спортска и коректна борба на теренот. Сега домаќините се жалат за судење на натпревар на кој тие самите беа домаќини, зошто не објават и видео-снимки за јавноста самата да пресуди дали и колку биле оштетени. Ние сезонава сме имале судиски одлуки за кои сме сметале дека биле погрешни и не биле во наша корист, но наш став како клуб е дека нема потреба од реакции во јавност бидејќи официјалните лица се тука за да си ја вршат работата, а над нив има луѓе кои се задолжени да ја контролираат и оценуваат нивната арбитража. Така ќе биде и во иднина, но искрено сме разочарани што од клуб што го сметавме за пријателски дочекавме со плукање да бидеме испратени“ – порачуваат од раководството на КК Блокотехна.

Се вчитува...