Кошаркарите на Блокотехна лесно и убедливо ја завршија работата на гостувањето во Охрид (80-105), задржувајќи го стопроцентниот ефект во дуелите со овој противник сезонава. Избраниците на Марјан Илиевски одиграа одличен натпревар на офанзивен план, и тоа без помошта на Бенџамин, кој поради повредата заработена на дербито со МЗТ Скопје воопшто не влезе во игра на денешниот натпревар.
Само една фуриозна четвртина им беше доволна на гостите од Гевгелија да покажат кој е кој, Блокотехна го доби вториот период со преубедливи 9-30 и на одмор замина со предност од 37-60, што потоа рутински ја одржуваше. Извонреден во ова прво полувреме беше капитенот на гостите, Горан Главчев, кој со 18 поени беше нерешлива енигма за домашните кошаркари.
Остатокот од мечот мина во мини-серии на двете екипи, Блокотехна не им дозволи на охриѓани ниту во еден момент да се понадеваат на камбек, туку рутински ја задржа позитивата се до конечните плус 25.
Главчев беше главен играч во редовите на победничкиот тим со 24 поени, пред Смит со 18 и Младеновиќ со 13 поени. Најдобар поединец кај охриѓани беше Кенет со 23 поени.
Следен предизвик за избраниците на Илиевски е фајналфор турнирот од БИБЛ-лигата, претстојниот викенд во Самоков каде македонскиот претставник за противник ќе го има Лукоил Левски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА