Бобан го носи Дани Олмо во Милан

Милан нема да запре со трансфери во јануарскиот преоден рок, а Звонимир Бобан и Паоло Малдини по Златан Ибрахимовиќ ќе донесат уште едно одлично засилување за „росонерите“. Станува збор за плејмејкерот на Динамо Загреб, Дани Олмо, кој според пишувањата на хрватските медиуми е на чекор до преселба на „Сан Сиро“.

Најдобриот фудбалер на Динамо беше поврзуван со Барселона и со Атлетико Мадрид, но понудите на двете шпански екипи биле далеку од проценката на хрватскиот првак за суперталентираниот шпански фудбалер. Тука на сцена стапил Звонимир Бобан, кој постигнал начелен договор со „модрите“ околу овој трансфер.

Динамо би заработил загарантирани почетни 20 милиони евра од преселбата на Олмо во Милано, а сумата низ годините би се зголемила на над 30 милиони, со оглед на неколкуте клаузули внесени во договорот. Милан не може да троши богатство поради опасноста за нарушување на финансискиот ферплеј, но Бобан успеал да состави финансиска конструкција со која трансферот на Олмо е остварлив.

Шпанецот нема да настапи за Динамо на денешниот контролен меч со Локомотива поради очекувањата овој трансфер да биде комплетиран во следните 48 часа.

Се вчитува...