Бобан Николов ќе игра во ЛШ со Шериф – молдавскиот бункер издржа во Загреб

Бобан Николов ќе биде единствениот македонски претставник во групната фаза од Лигата на Шампионите откако Шериф приреди уште едно изненадување, елиминирајќи го Динамо Загреб за прво учество во главната рунда од елитното европско натпреварување. Македонскиот репрезентативец пред неколку дена потпиша за Шериф, а поради коронавирус воопшто не патуваше за Загреб, каде неговите соиграчи ремизираа 0-0, успевајќи да ја задржат убедливата предност од 3-0 од првиот натпревар.

Шериф одигра максимално дефанзивен меч, одолевајќи на налетите на хрватскиот состав, во чии редови стартер беше Стефан Ристовски, а Аријан Адеми воопшто не влезе во игра. Динамо пропушти неколку убави шанси во првите петнаесетина минути, а потоа како што одминуваше времето така се појалова стануваше иницијативата на „модрите“, кои и покрај огромната разлика во поседот не успеаја да постигнат ниту еден, камоли три погодоци.

Салцбург повторно ќе биде дел од групите во Лигата на Шампионите откако австрискиот првак и на вториот меч славеше против Брондби, овојпат на гостувањето во Данска со 1-2. Патникот во главната газа беше решен во првите десет минути кога Сеско и Аронсон донесоа водство од 0-2 за Салцбург, по што Брондби до крајот успеа само да го ублажи поразот на домашен терен преку Максо во 62. минута.

Се вчитува...