Боби Милевски: Дали Италија ќе не потцени? Би сакал…, но овие момци покажаа дека никој не смее да ги потцени!

Македонскиот селектор Благоја Милевски ги презентираше своите очекувања од бараж натпреварот со Италија за пласман на СП 2022 во Катар кој не очекува на 24. март во Палермо.

Милевски ќе располага со силите на кои сметаше и низ квалификациите за Мундијалот, и кои го изборија историскиот бараж, верувајќи дека ќе уживаат во престојната пресметка која е историска за нас и секако ќе се обидат да го изненадат големиот фаворит.

„Се работи за еден меч, 90 минути низ кои се е отворено. Неблагодарно е однапред да се бара категорично успех, но од нашите фудбалери ќе барам да уживаат во мечот, и да покажат зошто сме тука каде што сме. Речиси сите фудбалери се стандардни во клубовите и тоа ме радува. Секогаш може подобра натпреварувачка форма, но радува тоа што голем дел се наметнуваат како носители на играта во своите клубови“ – истакна Милевски.

За тоа што на терен не очекува против актуелниот европски шампион Италија…

„Целата концентрација ми е насочена кон нашите фудбалери, воопшто не се оптоварувам со Италија кој ќе игра за нив а кој не. Се работи за противник кој во своите редови има по четири-пет врвни играчи на секоја позиција. Кој и да настапи кај нив нема премногу да го смени нашиот начин на игра. Се работи за актуелен европски шампион кој на ЕВРО 2022 ја покажа целата своја сила. Одигра и добри квалификации, но јасно е и дека секој тим има свои проблеми и недостатоци. Прашање е кај нас колку тие недостатоци ќе умееме да ги искористиме“.

Дали Италија можеби ќе ја потцени македонската репрезентација?

„Дали ќе не потцени? Не знам… Би сакал… Но, овие момци покажаа дека се кадарни за големи нешта. Сите се подготвени и расположени да докажат колку навистина вредат. Покажаа низ последните натпревари од квалификации што се умеат, па затоа не верувам дека некој може и смее да ги потцени. Не се оптоварувам со прогнози за натпреварот. Би сакал, ќе повторам, да не сметаат за лесен противник но и Италија знае дека нема однапред добиени натпревари, посебно на вакви дуели“ – вели Милевски.

Македонија веќе има два официјални квалификациски натпревари со Италија, на кои несреќено загубивме во Скопје со 2-3, а ремизиравме (1-1) со голот на Александар Трајковски во Торино.

„Не гледам никаква поврзаност од тие два натпревари претходно со овој сега. Се работи за нови селектори, нови играчи, комплетно нова селекција на Италија. И тоа беа квалификациски дуели, а сега е еден натпревар во кој не е дозволен кикс. Има многу разлика, но затоа и многу поголем мотив кај двете репрезентации да го покажат најдоброто од себе. Факт е дека ова ни е прв ваков натпревар и немаме искуство, но факт е дека нема што да загубиме“ – истакна македонскиот селектор на прес-конференцијата по соопштувањето на списокот за баражот со Италијанците.

Се вчитува...