Бодовите за опстанок на „цена“: Вардар е „спасот“ за Скопје, последна шанса за Пелистер

Бодовите за опстанок во прволигашката конкуренција главно се на „цена“ во финишот на домашниот шампионат, заедно со битката за европски излез меѓу Работнички, Ренова, Шкупи, Академија Пандев… Па, токму тука е и фокусот во денешното 32. коло.

Скопје ја има една од последните можности за дефинитивен приклучок во битката за прволигашки спас со Пелистер и Победа, иако „спасот“ ќе треба да го бара против Вардар на „Филип Втори“. Во тимот на Љупчо Марковски се повеќе од свесни дека ги очекува тежок натпревар, но веруваат дека може да дојдат до позитивен резултат…

„Оваа пролет покажавме дека можеме рамноправно да играме со буквално секој тим во лигата, па и со Вардар. Затоа веруваме дека и денеска можеме до позитивен резултат на ‘Филип Втори’. Ќе биде тежок меч, но максимално сме подготвени затоа што знаеме дека ова е можеби и една од нашите последни шанси околу реалните шанси за опстанок“ – вели еден од најдобрите фудбалери на Скопје, Бенјамин Демир.

А, бодови посакува и Победа на гостувањето против Академија Пандев во Турново. Значаен натпревар и за двата тима, со оглед на фактот дека струмичани, пак, посакуваат три бода во битката за четвртата позиција на табелата…

„Наша единствена цел од дуелот со Победа се трите бода. Со нив дополнително правиме чекор во трката за четвртото место, па во последните четири кола потоа ќе се обидеме и да дојдеме до европски излез“ – велат од таборот на Академија Пандев.

Се вчитува...