Богатата прволигашка програма продолжува со три натпревари во Скопје и еден во Гостивар

Отвoрањето на новата сезона во Првата кошаркарска лига ни најавува интересна и неизвесна сезона во која нијанси ќе одлучуваат за крајниот исход, а откако второто коло започна со победа на МЗТ Скопје над Кожув, богатата програма продолжува денеска со четири натпревари.

Првиот од нив ќе биде одигран на „Кале“ каде ТФТ ќе го пречека Еуро Никел од 17 часот. Двата тима се претенденти за висок пласман оваа сезона па ќе биде интересно да видиме кој ќе излезе како победник во првиот дуел. Скопјани и кавадарчани во овој меч влегуваат на крилја на победите во првото коло над Кожув, односно Гостивар па продолжување на серијата победи ќе биде импреатив за „црно-белите“ и „сино-белите“.

„Штотуку ни завршија импресиите од ФИБА квалификацискиот турнир во Русија, а веќе утре го играме и вториот првенствен натпревар, на домашен терен против екипата на Еуро Никел. Исклучително квалитетна и искусна екипа, сигурно претендент за највисоките одличја годинава. Добро се познаваме, имавме можност да одиграме два натпревари во подготвителниот период. Меѓутоа мислам дека сликата на овој натпревар ќе биде поинаква од она што беше во претсезоната. Полека фаќаме играчки ритам, мораме да бидеме задоволни од исклучително важната победа над Кожув во Гевгелија и со една крајно позитивна атмосфера влегуваме во овој натпревар. Целта е да успееме да парираме во скокот и да наметнеме наш стил и ритам на игра, со многу агресивност и енергија, да го дадеме својот максимум и да одиграме добар натпревар. Подобриот нека победи на крајот“, изјави Боро Смилковски

„Ова ќе биде најизедначена сезона, но и најинтересна, бидејќи сите тимови се засилија, и секој секого може да победи. Ќе има многу изненадувања, и затоа мора на секој натпревар да му се пристапи максимално сериозно. Ние секогаш одиме да го дадеме максимумот, и се надевам на успешна сезона. Добро здравје на сите кошаркарски работници“, вели Горан Самрџиев

Возбудувањата продолжуваат од 18 часот во „Младост“ каде силите ќе си ги одмерат Гостивар и Куманово. Дуелите на „сино-белите“ никогаш не разочаруваат па се надеваме дека така ќе биде и денеска. Претходната сезона двата тима успеаја да го одбранат домашниот терен, а дали ќе биде така и оваа останува да видиме.

Од 19 часот и 30 минути во Кисела Вода силите ќе си ги одмерат Академија ФМП и Пелистер. Минатогодишните четвртфиналисти во Купот и разигрувањето за титула ги поделија елиминациите со тоа што „академиците“ поминаа во следната фаза во Купот, а битолчани во лигата. Избраниците на Петровиќ за овој меч воедно ќе бараат и прва победа во сезоната, а четата на Илиевски продолжување на победничката низа пред дуелите од АБА2 лигата.

Богата програма започнува и завршува на „Кале“, а крај на денот ќе стават Работнички и Феникс 2010 со меч од 20 часот. Двата тима во овој натпревар влегуваат со победа од отварањето на сезоната и ќе бараат продолжување на серијата. „Црвено-белите“ и „виолетово-жолтите“ веќе одиграа еден меѓусебен натпревар оваа сезона во кој новалијата избори победа, а дали ќе биде така и денеска останува да видиме.

„Првите натпревари покажаа дека овој шампионат ќе биде доста изедначен. Дека нема некои изразити фаворити, дека секој меч е посебна приказна за себе. Не игравме како што посакувавме на премиерниот натпревар. Се надевам дека на овој против Феникс 2010, тие работи ќе ги реализираме подобро. Нема опуштање, нема потценување. Иако се дебитанти, победија на првата средба против Навико ФМП Академија. Тоа треба да ни биде сериозно предупредување. Секогаш мора да го даваме својот максимум, тоа е предуслов за добра игра и за победа“, вели Тони Симиќ

„Моите очекувања се движат во насока на тоа да одиграме уште ден добар натпревар, дури и малку подобро во однос на премиерниот во оваа конкуренција. Факт е дека Работнички, без оглед во каков состав настапува, е фаворит. Игравме со нив во периодот на подготовките. Но тоа е минато, сега имаат и некои нови играчи со кои ја сменија концепцијата во играта. Посакувам да бидеме на едно прволигашко ниво, а натпреварот во ‘Кале’ исто така“, изјави Денис Дервишевиќ

Колото ќе биде комплетирано со натпреварот помеѓу Ангели и МЗТ Скопје 2 во недела со почеток од 18 часот во салата „Независна Македонија“.

Се вчитува...