Богдановиќ се врати по девет месеци и веднаш надмина рекорд на Кукоч

Хрватскиот интернационалец во НБА лигата, Бојан Богдановиќ по девет месечна пауза поради повреда се врати на теренот за својот Детроит во средбата против Кливленд, но и покрај тоа што беше еден од лидерите со 22 постигнати поени не успеа да им помогне на соиграчите да стигнат до третиот триумф во 20 одиграни натпревари.

Но, Богдановиќ успеа да надмине уште еден рекорд поставен од страна на Тони Кукоч. Имено, станува збор за категоријата погодени слободни фрлања каде искусниот 34-годишник сега има 1817 реализирани обиди за еден поен, што е за четири повеќе од асот кој го носеше дресот на Чикаго.

Тоа е пети рекорд кој Богдановиќ му го одзема на Кукоч. Претходно стана најдобриот хрватски поентер надминувајќи ја и границата од 10 илјади постигнати поени, Хрватот со најголем број на започнати натпревари, погодени и обидени тројки, а наскоро би можел да постави и нов рекорд по бројот на обиди од поле и погодени обиди воопшто.

Се вчитува...