Бојан Колевски уште една година во Вардар: Среќен сум што конкурирам за првиот тим

Младинскиот репрезентативец Бојан Колевски го продолжи договорот со Вардар  на уште една година, до јануари 2020 година.

„Драго ми е што ја продолжив соработката со Вардар. Не се двоумев кога ми беше понудено да продолжам во Вардар. Веднаш прифатив и сега откако сето тоа е завршено, останува да се фокусирам само кон подготовките на екипата и да се наметнам кај стручниот штаб, односно да конкурирам за настап во првиот тим во пролетниот дел од сезоната“ – изјави Колевски по потпишувањето на новиот договор со клубот.

Изминатата полусезона Колевски ја мина на позајмица во велешки Борец, но сега се враќа во Вардар и тој е веќе дел од експедицијата на „црвено-црните“ на подготовките во Аланија.

„Среќен сум што сум повторно тука, и што ќе можам да конкурирам за настап во првиот тим. Ќе дадам се од себе на подготовките да се покажам пред стручниот штаб дека може да сметаат на мене во пролетниот дел. Веќе имам искуство со подготовки, на последните неколку сум дел од тимот и знам што не очекува. За пролетниот дел посакувам добри настапи и добри резултати, и секако како и сите во Вардар, посакувам да дојдеме до шампионската титула“ – вели напаѓачот по продолжување на соработката.

Колевски е роден на 20 јуни 2000 година. Тој е дел од Вардар од јануари 2017 година кога дојде од Металург. Играше и за младинскиот тим на Вардар. Има постигнато еден гол во 11 прволигашки настапи во дресот на „црвено-црните“.

Се вчитува...