Бојан Миовски: Ова што го доживувам на Островот е неверојатно – навивачи, љубов кон фудбал, страст и предизвик!

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски се повеќе ги воодушевува и фудбалските стручњаци на Островот и навивачите со своите изданија за шкотски Абердин.

Но, по вчерашното полуфинале во Лига Купот на Шкотска и неговиот феноменален погодок за триумф и пласман во големото финале, ниту македонскиот напаѓач не може да го сокрие своето воодушевување од се што фудбалски се случува на Островот – навивачи, љубов кон фудбал, начин на кој се поддржува и разбира фудбалската игра и страста за истата која е предизвик за секој фудбалер кој ќе стапне тука.

„Никогаш не сум го доживеал ова во ниту еден друг клуб и лига каде сум настапувал досега. Навивачите се неверојатни, секогаш се зад Абердин без разлика дали дома или на гости, дали победуваме или губиме. Тие се огромна мотивација за секој фудбалер, и сигурно секој играч кој ќе дојде на Островот може да го почувствува тоа и секогаш да го даде максимумот од себе“ – вели Миовски по вчерашниот триумф над Хиберниан.

Македонскиот репрезентативец веќе е милен број еден на фановите на Абердин од кого очекуваат гол и во големото финале во Лига Купот на 17. декември.

„Секако огромно е задоволството кога ќе се пласирате во финале. Тоа беше нашиот сон и успеавме да го реализираме. Јас сум напаѓач и морам да постигнувам голови – не е важно дали е полуфинале, финале или во лигата. Притисокот е секогаш врз напаѓачот. Но, се разбира, тоа е позитивно затоа што секогаш носи за мотив повеќе. Така ќе биде и во финалето“ – дополнува Бојан Миовски.

Се вчитува...