Бојан Миовски по трансферот во Абердин: Ова е голем чекор, но не ми паѓа на ум дека тука е крај на моите можности!

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски со нескриено крупен чекор во својата кариера, со трансферот од унгарски МТК во шкотски Абердин.

Миовски, на свои само 22 години, ќе биде еден од ретките Македонци кој ќе го почувствува островскиот фудбал, реализирајќи трансфер во клубот кој во минатото беше воден од легендарниот сер Алекс Фергусон.

Во разговор за ЕКИПА веднаш по денешното официјализирање на четиригодишниот договор со шкотскиот премиерлигаш, Миовски вели дека за него е голема чест и предизвик што ќе биде во клуб со огромна традиција како Абердин, но ни најмалку не помислува тука да биде крајот на неговите амбиции во фудбалската кариера.

„Да се игра на Островот е голема чест и огромен предизвик, Абердин е тим со голема традиција и извонредни услови. Ова е голем чекор за мене, но не ми паѓа на ум дека тука е крај на моите можности, желби и амбиции. По разговорите кои ги имав со раководството на мојот нов клуб заклучив дека имаме заедничка цел, клубот да остварува подобри резултати и да ги унапредува способностите и вредноста на играчите. Со оглед да знам дека секој нов клуб е и нов предизвик, а дека јас постојано треба да учам и фудбалски да се надградувам, чувствувам дека Абердин е вистинскиот избор“ – вели Миовски за ЕКИПА.

Сега следи далеку посериозен предизвик во лига кое е на едно повисоко ниво од унгарската.

„Јас сум подготвен за тој предизвик, особено чувствувајќи ја и довербата и поддршката која ја имам и од страна на стручниот штаб и соиграчите во нашата репрезентација што во последно време беше клучно за позицијата која ја имав во овој преоден рок. Во новиот клуб очекувам да играм на вистинската позиција која најмногу ми одговара и мене и на тимот. Во оваа ситуација морам да се заблагодарам и на поголемиот дел на луѓе во МТК, каде имав повеќе убави моменти“ – истакнува Миовски.

Се вчитува...