Бојан Трајковски: Кога играш добра одбрана, нападот доаѓа сам по себе

МЗТ Скопје славеше победа против Блокотехна со 87-73, со која се искачува на второто место на табелата. „Металците“ успеаја да слават со повеќе од седум поени, со што би имале предност при меѓусебниот скор, доколку на крајот од Суперлигата двете екипи имаат идентичен број на бодови.

По лошиот почеток, МЗТ Скопје го засили темпото во втората четвртина. Сигурната игра во одбраната, според Бојан Трајковски беше клучна за триумфот на „металците“ во овој дуел.

„Имаше некој притисок меѓу нас играчите дека мора да се победи на овој дуел. Добро е на крај што излезе вака, што го надминавме тој притисок. Не променивме ништо, почнавме да ја играме нашата игра, тоа што се договаравме. На почетокот имавме многу грешки. Но, потоа беше подобро. Кога играш добро во одбрана, нападот доаѓа сам по себе. Уште не е ништо завршено, рано е да се зборува. Не размислуваме сега за Работнички, туку на следното тешко гостување против Гостивар кое мора да го завршиме во наша полза, па после ќе мислиме на Работнички“ – изјави Бојан Трајковски.

Се вчитува...