Бојан Трајковски на операција, „виси“ и за репрезентацијата

Кожув извонредно ја стартуваше сезоната со шест победи во првите осум кола, но скапо ја плати цената по повредата на Бојан Трајковски. Македонскиот репрезентативец заработил незгодна повреда на коленото, поради што ќе мора да биде опериран и му следи пауза од кошаркарските терени. Тој воопшто не настапи на вчерашниот меч со Академија ФМП, по што беше потврдено дека повредата не е нималку наивна.

„По тешкото гостување со Пелистер го загубивме Трајковски, откако лекарските прегледи покажаа проблем со медијалниот менискус. Проблемот може да се реши само хируршки, а според првичните прогнози паузата ќе изнесува околу два месеци. Ако има среќна околност, тоа е што наскоро ќе следи пауза од еден месец во домашното првенство, па Трајковски ќе пропушти само неколку натпревари“ – потврди тренерот Алек Јончевски во изјава за ЕКИПА.

Ова е сериозен проблем и за македонската репрезентација, со оглед на фактот дека квалификациите за Евробаскет 2021 „црвено-жолтите“ ги почнуваат во февруари, а според најновата ситуација настапот на Tрајковски против Естонија на 20 февруари и против Русија три дена подоцна е неизвесен.

Се вчитува...