Бојиќ промаши слободно фрлање за продолжение – Борац Бања Лука е прв полуфиналист во АБА2

Борац Бања Лука прв се пласираше во полуфиналето од АБА2 завршницата која се игра во СЦ „Јане Сандански“ откако во четвртфиналето го совлада Младост со 80-79 во драматична завршница. Составот од Бања Лука кој ја имаше фаворитската улога на овој натпревар рано стигна до висока предност која ја одржуваше до последната четвртина, но следеше камбек на земунскиот тим кој имаше и шанса да стигне до дополнителни пет минути.

По воведниот грч кај двата тима Борац одигра одлично на двата дела од теренот со што стигна до предност од 17-11 по првата четвртина, а продолжи да го полни кошот на противникот и до полувремето до кој предноста се искачи на 43-33.

Во второто полувреме Младост заигра далеку подобро на двете страни од паркетот, но не успеа да ја намали негативата по 30. минути игра (65-53), но успеа во своите намери во последните десет минути. Борац ја одржуваше двоцифрената предност до 36. минута, но следеше голем пад во играта на тимот од Бања Лука кој експресно го искористи Младост за целосен камбек.

На минута и 38 секунди до крајот Младост стигна на негатива од само еден напад (80-78), а трагичар за Борац беше Гавриќ кој на 15. секунди пред крајот промаши положување, а потоа на 8. секунди до крајот направи чекори. Последниот напад на средбата му припадна на составот од Земун во кој Гибсон промаши тројка за победа, а Бојиќ стигна до скок во нападот проследен со прекршок за две слобони фрлања. Србинот го погоди првото, но промаши во вториот обид за големо славје на тимот на Николиќ.

Болдвин со 18 поени и 6 асистенции беше прво име кај Борец, додека него го следеше Шешлија со дабл-дабл од 17 поени и 11 скока. Гавриловиќ беше лидер на Младост со 27 поени и 17 скока, додека Гибсон додаде 15 поени.

Се вчитува...