Бојкот во ракометот и кошарката: Спортот не смее да биде алатка за пазарење

Ракометните и кошаркарските нисколигаши прогласија дека нема да играат во Првата лига во ракомет и втората лига во кошарка, беше објавено на денешната прес-конференција на клубовите во овие два спорта. Причина е долгата процедура за добивањето на ваучери во вкупна вредност од еден милион евра, кои требаше да бидат распределени на 35 клубови. Притоа, клубовите апелираа политичките игри и превирања да бидат оставени настрана за да се помогне на спортот.

„Причината за која сме дојдени денеска е проблемот со доделување на ваучерот за ракометните и кошаркарските клубови, односно изоставувањето од целокупната процедура што не беше ветувана уште од месец февруари. Во изминатите денови, за жал бевме сведоци и на една политичка сапуница, каде се искористи спортот како алатка за пазарење. Ова е последното нешто што можеме да го направиме, да апелираме до сите политички партии дека е време да седнат и да го решат проблемот со спортот. Ова мора да биде решено што поскоро, сите се наоѓаме на работ на егзистенција, од утре веќе нема да можеме да се натпреваруваме во Првата лига во ракомет, а ќе извршиме и бојкот на натпреварите во младинските категории“ – изјави Дарко Петровски од РК Аеродром, претставник на ракометните прволигаши.

Идентичен е ставот и на кошаркарските второлигаши, чија сезона требаше да стартува утре, но тоа нема да се случи.

„Оваа битка за ваучери ја започнавме заедно со ракометните клубови, дојдовме до одреден стадиум и сега таа мерка е стопирана од некакви причини. Сите второлигашки екипи направивме состанок на 15 октомври во просториите на КФСМ, при што донесовме одлука за неиграње, што беше испратено до федерацијата и до Агенцијата за Млади и Спорт. Како никогаш досега, ние сме толку сложни и ќе останеме такви до крај се додека оваа неправда не се исправи бидејќи кошарката не е само Првата лига, туку и Втората лига и сите младински екипи. Многу од нашите репрезентативци кои во последните години забележаа значителни успеси на младинските ЕП играат токму во овие второлигашки екипи и во младинските тимови. Значи, ако нешто треба да се корегира, со големо право бараме да бидеме опфатени со овој ваучер-систем“ – истакна Благоја Кечовски, прв човек на Здружението на второлигаши при КФСМ.

Клубовите изразија надеж дека би можеле да добијат позитивен одговор од АМС веќе во текот на следната седмица, за бојкотот да биде краток. Сепак, доколку тоа не се случи тие покажаа децидна решеност да истрајат до крај и доколку не ги добијат ваучерите што им следат, овие лиги воопшто нема да се играат до крајот на сезоната, а клубовите нема да учествуваат ниту со младинските екипи во натпреварувањата на федерацијата.

Се вчитува...