Боксерската федерација на Македонија со официјална благодарност за поддршката од Министерството за спорт!

Боксерската федерација на Македонија упати искрена благодарност до Министерството за спорт и до министерот Борко Ристовски за континуираната поддршка, коректниот однос и одличната соработка во изминатиот период.

„Бронзениот медал на Ален Рустемовски на Европското сениорско првенство во Софија е голем успех за македонскиот бокс и резултат кој ја потврдува посветеноста, квалитетот и потенцијалот на нашите боксери. Но, овој медал не е само изолиран успех. Тој е резултат на заедничката работа и посветеност на Ален, неговите тренери, Боксерската федерација на Македонија и Министерството за спорт. Во периодот зад нас ја имаме поддршката од Министерството за спорт и во подготовките и во настапите на нашите репрезентативци. Таа поддршка е особено значајна за Федерацијата и за боксерите, бидејќи овозможува подобри услови за работа, подготовки и настапи на големите меѓународни натпреварувања“ – порачаа од Боксерската федерација на Македонија.

Од федерацијата нагласуваат во соопштението дека се горди на постигнатото досега, но уште повеќе и мотивирани за она што следува.

„Сакаме да упатиме голема благодарност до Министерството за спорт и до министерот Борко Ристовски за довербата и континуираната поддршка на македонскиот бокс. За нас, ова е вистински пример дека кога институциите, федерациите, тренерите и спортистите работат заедно, резултатите доаѓаат. Боксерската федерација на Македонија останува посветена на развојот на боксот, поддршката на младите таленти и создавањето услови за нови успеси на македонските боксери на европската и светската сцена.
Продолжуваме заедно – за македонскиот бокс, за нови успеси на македонските боксери на меѓународна сцена и нови медали за Македонија“ – велат од БФМ.

Се вчитува...