„Бомба“: Мурињо му го украде Лукаку на Конте

Манчестер јунајтед успеа во „невозможната мисија“ – да го украде Ромелу Лукаку од Евертон пред носот на Челси. Жозе Мурињо умешно ја доби трката по белгискиот интернационалец, кој јавно изјавуваше дека сака да се врати назад на „Стемфорд бриџ“, но го промени ставот по пасивноста на лондонските „сини“ во изминатите триесетина дена.

Иако претходно се шпекулираше за сума од над 100 милиони фунти, ББЦ утрово прв објави дека Евертон ја прифатил понудата на „црвените ѓаволи“ во висина од 75 милиони фунти. Белгиецот исто така ги договорил личните детали, па трансферот ќе биде комплетиран најдоцна до утре, за Лукаку да може да отпатува со тимот на турнејата во САД, на која „ѓаволите“ заминуваат в недела.

Нема сомнеж дека Лукаку, кој минатата сезона постигна 25 погодоци во Премиер-лигата, ќе биде огромно засилување за Јунајтед, особено во ситуација кога од „Олд трафорд“ летово си замина Златан Ибрахимовиќ.

За очекување е како дел од „добрите односи“ меѓу Евертон и Манчестер јунајтед, во најскоро време да  биде реализиран и трансферот на Вејн Руни на „Гудисон парк“, по најавите дека екс-капитенот воопшто нема да патува со тимот на Јунајтед во САД.

Се вчитува...