„Бомба“ од Италија: Анчелоти го менува Венгер во Арсенал?

Арсенал по крајот на сезоната ќе се раздели со Арсен Венгер по 21 година, раководството веќе ја договори неговата замена. Италијанскиот медиум „Кориере дело спорт“ тврди дека нов менаџер на „топчиите“ ќе биде Карло Анчелоти. Според информациите, италијанскиот стратег се согласил на четиригодишен договор според кој ќе заработува 10 милиони евра по сезона.

Иако Венгер пред почетокот на оваа сезона потпиша нов договор според кој треба да остане на кормилто до 2019 година, управата на клубот смета дека по 21 година е време да се прекине соработката со него. Францускиот стратег и во оваа сезона потфрли во својата работа, Арсенал по 22 кола во Премиер – лигата се наоѓа на 6. место, пред неколку дена испаднаа од ФА купот откако беа поразени од второлифашот Нотинхем форест. Надежите за освојување на трофеј сезонава останува Лига купот, каде Арсенал се соочува со Челси (првиот дуел заврши 0-0), како и Лигата на Европа, но тоа за челниците на клубот не е доволно.

Карло Анчелоти е без ангажман откако доби отказ од Баерн Минхен. Самиот стратег истакна дека нема да брза во одлуката да најде нов клуб, но по сите изгледи неговата иднина е позната. Од следното лето ќе застане на клупата на тимот од северен Лондон, градскиот ривал на неговиот екс-клуб, Челси.

Во неговиот прв престој во Англија Анчелоти уште во првата сезона ја освои титулата со „сините“ од „Стемфорд бриџ“, додека безтрофејната втора сезона му ја скрои судбината, па Анчелоти пред време го напушти работното место добивајќи отказ од Амбрамовиќ. Сега добива шанса одново да се надмудрува со најдобрите во Англија, а нема сомнение дека ќе бидат супер – дуели против Мурињо, Гвардиола, Клоп, Конте.

Се вчитува...