„Бомба“ од Шпанија: Роналдо во Јуве за 100 милиони евра

Фудбалска „бомба“ одекна попладнево во Шпанија, откако во ТВ емисијата „Жугонес“ беше обелоденето дека Кристијано Роналдо дефинитивно си заминува од Реал Мадрид, а негова следна дестинација ќе биде Јувентус.

Аналитичарите во познатата ТВ-емисија тврдат дека поголемиот број од деталите се веќе договорени, на Флорентино Перез му здодеало да ги задоволува барањата на Кристијано кои стануваат се поголеми секоја година, па и првиот човек на Реал Мадрид е подготвен да даде зелено светло за трансферот. Мадридскиот весник „Марка“ во денешниот број објави дека понудата на Јувентус е многу сериозна, а според последните информации истата ќе изнесува 100 ммилиони евра.

Реал пред девет години го доведе Кристијано за 96 милиони евра, го извлече најдоброто од него, освои бројни трофеи, па сега е во ситуација да си ги врати парите, дури и да заработи од неговата продажба. Желба на Флорентино Перез е Роналдо да не замине во ПСЖ, каде би формирал убиствено трио со Нејмар и со Мбапе, па Јувентус делува како добра опција. Италијанскиот првак најавува атак на трофејот во ЛШ, а нема подобро засилување за „старата дама“ во моментов од играчот кој сам ги елиминираше „црно-белите“ од Торино во претходните две сезони од елитното европско натпреварување.

Јуве му нуди на Роналдо плата од 30 милиони евра, но и богати премии за бројот на постигнати голови и освоени трофеи , се со цел да се убеди Португалецот својата кариера по Премиер-лигата и Примера дивизион да ја продолжи во „Серија А“.

Се вчитува...