„Бомба“ од Турција: Елмас во фокусот на Манчестер јунајтед

Елиф Елмас одигра неколку натпревари во дресот на Фенербахче и го покажа својот раскошен талент, што беше доволна причина сериозен интерес за неговите услуги да покаже и Манчестер јунајтед.

Оваа „бомба“ утрово ја објави тиражниот турски весник „Хуријет“, кој тврди дека Елмас со добриот настап на гостувањето против Бенфика младиот Македонец го привлекол врз себе вниманието на „црвените ѓаволи“. Скаути на Манчестер јунајтед биле присутни на стадионот во Лисабон за следење на еден од домашните фудбалери, но останале воодушевени од потенцијалот на 18-годишниот Елмас, кој сега се наоѓа многу високо на листата со желби на англискиот фудбалски гигант.

Приоритет на Манчестер јунајтед е во следните неколку часа да се доведе квалитетно засилување во одбраната, нешто што Жозе Мурињо го бара веќе извесно време. Едно е јасно, нема никакви шанси Елмас летово да се пресели на „Олд трафорд“, но се очекува „ѓаволите“ да продолжат да ги следат неговите настапи и во иднина да испратат и официјална понуда за македонскиот интернационалец.

Елмас дефинитивно сезонава ќе ја мине во Фенербахче, клуб што е и најдобра опција за него, особено откако тренерот Коку му покажува огромна доверба давајќи му шанса во првиот тим.

Се вчитува...