„Бомба“ во најава – Костоски пред враќање во Куманово

Раководството на Куманово долго време беше тивко околу составувањето на ростерот, но поранешниот вицешампион за претстојната седмица подготвува „бомба“ – враќање во своите редови на македонскиот репрезентативец Александар Костоски.

Одличниот плејмејкер неколку сезони наназад беше предводник на тимот на Куманово со кој стигнуваше до финалето, но не успеваше да се закити со шампионската титула. Тој последните две сезони ги мина во романскиот прволигаш Питешт, но финансиските проблеми на овој клуб го натераа Костоски да размислува за враќање во Македонија, а тука во преден план за него секогаш е Куманово.

ЕКИПА дознав дека веќе се водени разговори за негов камбек меѓу кумановци, при што и кај двете страни постои расположение за нова соработка. Најверојатно потписот ќе биде со „отворен договор“, со можност плејмејкерот да си замине доколку во меѓувреме добие примамлива понуда од странство, но во секој случај Костоски ќе биде огромно засилување за Куманово во обидот овој тим повторно да атакува на висок пласман.

Кумановци веќе потпишаа договор со младиот Шалев, а близу до потпис се уште двајца домашни кошаркари, и тоа Адем Мекиќ и Игор Пенов.

Се вчитува...