Бонга заминува од Партизан и се сели во НБА!

Германскиот кошаркар Исак Бонга, според последните информации, ќе го напушти Партизан ова лето.

Најдобриот играч на Партизан, Исак Бонга, веќе подолго време не крие дека неговата желба е да се врати во НБА лигата.

Како што објавува „Меридијан Спорт“, Детроит Пистонс подготвиле понуда за Исак Бонга и го сакаат во својот тим за сезоната 2026/27, па најверојатно ова лето заминува од Партизан.

„Извори кои се многу запознаени со настаните во Детроит Пистонс потврдија за Меридијан спорт дека најдобриот тим од Источната конференција го убедил германскиот претставник дека тој припаѓа на НБА лигата по квалитет и дека е време тој да се врати. Како ова се совпаѓа со кошаркарските амбиции на Бонга е прашањето на ден кога тој ќе ја активира клаузулата за излез и ќе ја официјализира преселбата во „главниот град“ на американската автомобилска индустрија. Ова треба да се случи на 20 јули, денот по завршувањето на летните лиги во Лас Вегас“, пишува „Меридијан Спорт“.

На 38 натпревари во Евролигата, Бонга имаше просек од 9,9 поени со 5,6 скока и околу 14,3 индексни поени по натпревар, додека во АБА лигата имаше малку помалку поени, 7,4 по натпревар.

Бонга дојде во Партизан од Баерн Минхен, а во НБА играше за Вашингтон Визардс, Лос Анџелес Лејкерс и Торонто Репторс.

Детроит Пистонс ја завршија регуларната сезона на првото место, а сега губат со 3-1 од осмопласираниот Орландо во првото коло од плејофот во Источната конференција.

Се вчитува...