Бонучи: Не ја потценуваме Шкендија, затоа што така може да се ’лизнеме’

Италијанскиот репрезентативец Леонардо Бонучи утревечер ќе го има своето деби за Милан на официјалните натпревари, и тоа против македонскиот вицепрвак Шкендија на „Сан Сиро“, во првиот меч од плејоф колото во Лигата на Европа. Тој е новиот капитен на Милан и вели дека „росонерите“ во никој случај нема да ја потценат Шкендија, затоа што во таков случај може да се ’лизнат’ и да остварат негативен резултат.

„Конечно, дојде времето за деби. Ќе има многу емоции, „Сан Сиро“ е стадион со голема традиција и јас едвај чекам да ја почувствувам поддршката од навивачите. Дали ќе биде лесно? Во никој случај не смееме да ја поцениме Шкендија. Тоа може да биде многу опасно, да се ’лизнеме’ на првиот меч пред нашите гледачи. Натпреварите не се играат со зборови, ниту на хартија, туку на зелениот терен и секогаш мора да дадеш 110% од себе. Противникот исто така ќе биде максимално мотивиран, а ние се надеваме на голема поддршка од публиката и пласман во групите од Лигата на Европа“, истакнува Леонардо Бонучи во пресрет на дуелот со Шкендија.

Се вчитува...