Борко брои „ситно“ – за три дена „скока во тавче“, за девет ќе брани на СП

Македонските репрезентативци денеска продолжуваат  со подготовките за СП 2019, на кое премиерниот настап ќе го имаат на 11 јануари во Минхен, со дуелот против селекцијата на Јапонија. Претходно, еден од асовите на нашиот национален тим, Борко Ристовски, ќе се соочи со еден поинаков предизвик – на 5 јануари првиот голман на македонската репрезентација ќе заплови во брачните води, како увертира за успесите што го очекуваат во новата година.

Борко е во долгогодишна врска со Николина, со која лани го доби синот Душан. Свадбата е закажана пред околу една година, а како термин е избран периодот пред Божиќ, непосредно пред настапот на Македонија на ракометниот Мундијал во Германија и во Данска.

Свадбата е закажана за 5 јануари, кога ракометарите попладне ќе го играат вториот контролен дуел со Србија (од затворен карактер), по што националниот тим колективно треба да замине на веселбата на репрезентативниот колега.

Ристовски ќе ги одработи тренинзите во последните денови пред тргнувањето за Минхен, по што се очекува да се најде на голот на Македонија на премиерниот натпревар против Јапонија.

Се вчитува...