Борко и Тимур не можеа сами – Вардар поразен во Порто

Вардар претрпе нов пораз во Лигата на Шампионите откако македонскиот првак вечерва загуби на гостувањето против Порто со резултат 27-24. „Црвено-црните“ целосно му парираа на противникот во првото полувреме, на крајот плаќајќи за слабиот старт на вториот дел во кој Португалците стигнаа до предност од четири гола што ја сочуваа до крајот. Борко Ристовски бранеше фантастично, Дибиров беше одличен во нападот, но трагичари беа Иван Чупиќ, кој го одигра под своето ниво целиот меч, како и Ловро Јотиќ, кој имаше две загубени топки во последните три минути.

Вардар беше далеку подобар противник на почетокот, на кој „црвено-црните“ со одбранбената зона 5-1 со Дибиров како најистурен им создадоа огромни проблеми на домашните ракометари. „Вардарци“ по само шест минути игра поведоа со 1-5, резултат при кој Чупиќ загуби топка во напад за „плус пет“, а една минута подоцна хрватското крило не реализираше пенал при 2-5. Следеше серија од нецели осум минути во кои македонскиот првак не постигна гол, период што Португалците го искористија за да израмнат на 5-5. Голот на Вујин значеше и нова мини-серија од три гола на „вардарци“, а домаќините на половина од полувремето почнаа со играта „седум на шест“. Неколкуте лесни погодоци ја вратија самодовербата кај Португалците, кои на две минути до пред крајот на полувремето имаа и „плус два“, но по одбраната на Ристовски и голот во празна мрежа на Вујин на одмор се замина со израмнети 13-13.

Стартот на второто полувреме беше очаен за „вардарци“, кои имаа серија технички грешки во нападот, по што Порто знаеше да казни и експресно поведе со 17-13. Дибиров во 35. минута од пенал (над Стоилов) го постигна првиот гол во второто полувреме за „црвено-црните“, но Порто делуваше во целосна контрола. Алушовски побара тајмаут при резултат 19-14, Вардар намали на 19-16, повторно во ритам влезе голманот Ристовски, кој не дозволи прерана капитулација на „црвено-црните“ на ова гостување. Одбраната се повеќе добиваше на цврстина иако Порто напаѓаше со седум играчи, па со новиот гол во празна мрежа на Дибиров (вкупно седми за Русинот) македонскиот првак намали на 21-19. Веќе во следниот напад, во 48. минута Дибиров украде уште една топка и повторно ја смести во празната мрежа, намалувајчи на 21-20 и принудувајќи го домашниот тренер да го земе и вториот тајмаут во второто полувреме.

Борко одбрани уште еден зицер веднаш по тајмаутот, но веднаш потоа на спротивната страна Јотиќ од одлична позиција не погоди за израмнување откако беше запрен од Никола Митревски. Нов напад за Порто, нова одбрана на Ристовски, а откако Вујин промаши цел гол, Порто конечно ја прекина серијата на „вардарци“ со седмиот гол на Бранкињо. Разликата се движеше меѓу еден и два гола се до 57. минута, кога по загубената топка на Јотиќ домаќините постигнаа нов погодок од контранапад за 25-22, принудувајќи го Алушовски да го побара последниот тајмаут. Шансата за камбек пропадна на две минути до крајот, кога по 14. одбрана на Ристовски топката се одби до Чупиќ, кој имаше крајно непрецизен обид за гол од сопствената половина. На крајот, Порто пред звукот на сирената постигна уште еден гол за конечни 27-24, пораз на „вардарци“ што беше неизбежен кога расположени за игра беа само двајца ракометари, Ристовски и Дибиров.

Борко Ристовски го заврши мечот со 15 интервенции, Дибиров имаше девет гола од исто толку обиди. Никола Митревски имаше осум интервенции на голот на Порто, добра бројка со оглед на фактот дека Португалците голем дел од овој меч одиграа со „седум на шест“ во нападот.

Се вчитува...