Борко: Ќе продолжам да бранам, јас сум секогаш тука за Македонија

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Борко Ристовски нема намера да заврши со настапите за македонската репрезентација без разлика на бројните критики на кои искусниот голман беше изложен за време на овој европски шампионат. Според него, тие критики само делуваат уште помотивирачки за да продолжи со настапите за националниот тим.

„Секако дека ќе продолжам да бранам, јас сум секогаш тука за Македонија. Бројни години сме го носеле репрезентативниот дрес, ја знаеме неговата тежина подобро од било кој, сме пропуштиле бројни празници со семејствата за да настапуваме за националниот тим, така што откажување не е опција. Јас ќе бидам дел од репрезентацијата се додека стручниот штаб смета на мене, никогаш нема да се повлечам“, дециден е Ристовски.

Воедно, тој откри и дека вчерашната реакција како одговор на критиките кон него била испратена во јавноста за да се намали притисокот врз помладите ракометари.

„Сакав целиот притисок да го преземам врз себе, за младите да можат послободно да играат, да не чувствуваат дополнителна пресија. Ете, тоа е причината поради која вчера го напишав она што беше објавено, за сите да зборуваат за тоа, а младите ракометари да можат во мир да се подготвуваат на мечот“, откри Ристовски.

Се вчитува...