Борко пред МОК: Ми нудеа функции, ми се закануваа, но ја утнале адресата…

Се е подготвено за почеток на Собранието на МОК на кое треба да се избере наследникот на Васил Тупурковски како претседател на оваа спортска институција. Пред почетокот на собранието своја изјава пред медиумите даде голманот на Вардар и на македонската репрезентација, Борко Ристовски, кој го повтори својот став дека ниту еден од двајцата кандидати, Даниел Димевски и Александра Војнеска – Зикова, немаат капацитет да раководат со МОК.

„Јас сум тука на покана на МОК како гостин, како спортист и како член на најголемата политичка партија во Македонија. Морам да бидам дел од овој избор на нов претседател на МОК бидејќи од него зависи иднината. Јас она што имав да го кажам го кажав уште пред неколку дена, двајцата кандидати не се она што и треба на Македонија како држава и на спортот во целина. Тие немаат ниту капацитет ниту морален кредибилитет за да водат институција како што е Македонскиот Олимписки Комитет. Јас сум овде за одблиску да ги следам сите овие работи што ќе се случуваат, да видам кои федерации ќе гласаат за спортот, а кои за криминалот и за она што ќе се случува овде. Ние како спортисти сме против одржување на ова собрание. Ќе повторам, на Македонија не и значат ниту Димевски ниту Војнеска не и значат ништо, ниту пак поседуваат организациски и менаџерски способности за да управуваат со оваа институција“, изјави Ристовски.

Тој апелираше изборот на нов претседател на МОК да не биде вршен со партиски притисоци бидејќи мора да почне да се разграничува спортот од политиката.

„Ова е еден момент кога сите треба да застанеме зааедно, без разлика на партија и на политика, ова треба да е спортски настан. Јас сум овде за да се убедам дали тоа ќе биде така и да упатам апел до сите спортски федерации, до сите оние кои ќе гласаат, да обрнат внимание. Имаме доволно докази и за двајцата кандидати за понатаму да бидат и кривично гонети. Против едниот веќе има обвиненија, за другиот кандидат поседуваме докази за незаконски дејствија“, вели Борко Ристовски.

Воедно, тој откри дека по изјавата дадена мината недела на оваа тема за една национална телевизија, добил и неморални понуди и закани.

„Македонија мора да најде подобро решение од овие двајца кандидати. Не протежираме никого, само сме против овие двајца кандидати. МОК е непартиска функција и затоа сите треба да застанат зад една таква идеја. По моето излагање добив непристојни понуди за идниот МОК, добивав и закани од некои луѓе кои се претставуваа во нечие име. На сите треба да им е јасна една работа – ја утнале адресата бидејќи мене не ме плашат закани, ниту пак ми требаат понуди бидејќи јас својата егзистенција за удобен живот за себе и за своето семејство ја обезбедив со играње во странство. Затоа, јас сум овде за македонскиот спорт и ништо друго не ме интересира“, порача голманот.

Ристовски се појави во јавноста помалку од 24 часа откако од таборот на Вардар најавија дека сите нивни членови ќе заминат во самоизолација по новите позитивни случаи на коронавирус во клубот.

„Во медиумите се појави информација дека сме во самоизолација, но тоа не е точно. Од клубот ни најавија такво нешто, но за да се случи треба да ни се јават од Центар за Јавно Здравство. Се додека не ми се јават, да ми кажат дека сум во самоизолација, јас се движам нормално бидејќи немам никакви симптоми ниту пак сум заразен“, изјави Борко Ристовски.

Се вчитува...