Борко Ристовски: Да им дадеме поддршка на младите, тие се иднината

Машката ракометна репрезентација на Македонија ги одработува подготовките пред настапот на СП во Германија и Данска, овој пат во значително подмладен состав. На младите е да ја искористат шансата, а на поискусните во составот, да им помогнат што побрзо да се вклопат и да не им создаваат дополнителен притисок, истакнува најискусниот во голманската четворка на голот, Борко Ристовски.

„Ова е малку необична ситуација со толку подмладен состав, меѓутоа ситуацијата е таква каква што е и мора сите да се приспособуваме. Очигледно е дека младите поседуваат квалитет и зависи најмогу од нив колку и дали ќе ја искористат дадената шанса, затоа што светско првенство не е мала и едноставна работа. На нас поискусните е да има дадеме поддршка затоа што сепак, тие се иднината на македонскиот ракомет“ – вели Борко Ристовски.

Македонските ракометари за две недели во Минхен ги очекува сериозен предизвик. Подмладувањето не ги намалува целите и амбициите и позитивното расположение во националниот состав.

„Време е да научиме да ги прифаќаме фактите какви што се и да не им создаваме дополнителен притисок на помладите играчи затоа што сепак, за многумина ова ќе биде прв голем настан. Ни недостасувам можеби малку повеќе време за подготовки, но за сите е исто и тоа е тоа. Кога се ќе се собере и одземе, треба сите да бидеме позитивни и да гледаме позитивно на она што ни претстои и да се обиде да направиме што е можно подобр резултат“ – истакнува првиот голман на македонската репрезентација.

Првата проверка за подмладената македонска репрезентација ќе бидат двата контролни натпревари со Србија на 4 и на 5 јануари во Скопје, а настапот на СП, Македонија го отвора со натпреварот против Јапонија на 11 јануари.

Се вчитува...