Борко Ристовски: До 5 наутро не спиевме по поразот од Вардар…!

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонскиот репрезентативен голман Борко Ристовски сосема очекувано беше разочаран по поразот на неговата Барселона и од Веспрем во битката за третото место на Ф4 турнирот во Келн.

Но, Ристовски откри и една тајна која и тоа како влијаела за играта на тимот и во денешниот дуел со Веспрем.

„На денешниот меч се чувствуваше сето она што се случи вчера. Во никој случај ние не бевме подготвени за пораз во полуфиналето, и тоа се одрази и на денешната игра. Веспрем повеќе ја сакаше и дојде заслужено до триумфот. Ние паднавме многу на психички план по вчерашниот пораз. Еве, може да кажам дека целиот тим до 5 часот наутро не можеше да спие по поразот од Вардар. Сето тоа го плативме и со пораз денеска“ – ни изјави Борко Ристовски по денешната битка за 3. место.

Македонскиот голман, посака Вардар да слави во финалето со ПСЖ и да стигне до шампионската круна.

„Искрено му посакувам многу среќа на Вардар во финалето. Секако посакувам титулата да ја однесе во Македонија, на радост на целокупната македонска спортска јавност“ – рече Ристовски.

Се вчитува...