Борко Ристовски: Дуелот со Вардар за нас е едно големо финале!

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонскиот репрезентативен голман, Борко Ристовски е во фокусот на вниманието на шпанските медиуми пред стартот на Фајнлфор турнирот, но секако и на македонските кои се овде присутни во Келн.

„Мора да бидам искрен и да кажам дека атмосферата во Барселона е малку позитивно-напната, затоа што сите со нетрпение го чекаме почетокот на Фајнлфор турнирот и дуелот со Вардар кој за нас е едно големо финале. Факт е дека не чека тежок натпревар против квалитетен и комплициран противник кој игра добар ракомет, но наша желба е во што порана фаза да се обидеме да создадеме предност без да дојдеме во ситуација за неизвесна заврпница. Се разбира, доколку е тоа можно…“

Дали во Барселона можеби се чувствува притисок дека Вардар мора да се мине по секоја ценат?

„Вардар е моќен тим кој не смее да се потцени. Самото тоа што е на Фајнлфор доволно кажува. Можеби ние во Македонија уште до крај не ја разбираме тежината на Ф4 турнирот. Ова е како најдобрите четири екипи во фудбал да се соберат на едно место. Вистински спектакл… А, инаку, во Барселона секогаш има притисок за победа на секој натпревар. Затоа е Барселона. Од една страна секогаш е прекрасно да се биде дел од еден ваков гигант, а од друга страна ако не сте доволно психички подготвени не можете да се носите со товарот кој го бара еден вака амбициозен клуб. Барселона оди секогаш на титули, така е и сега“ – истакнува македонскиот репрезентативен голман.

Според многумина на вакви натпревари, меѓу две главно изедначени екипи, голманите се тие кои го решаваат победникот. Кој е тука во предност? Барселона со Ристовски и Гонзало, или Вардар со Штербик!?

„Не може да се каже прецизно кој е тука во предност. Мислам дека нашиот тренер тоа го истакна и од аспект малку да го оттргне притисокот од екипата, и да го префрли малку на нас голманите. Но, мислам дека силата на Барселона не зависи само од една позиција, но лежи во колективот. Така беше и досега, и покрај тоа што имаше одлични партии на голманите. Барселона е една целина, и така ќе биде и на Ф4 турнирот во Келн“ – вели Борко Ристовски.

Се вчитува...