Борко Ристовски: Одлучи мојата желба да играм за Македонија

Борко Ристовски се враќа на голот на македонската ракометна репрезентација за претстојните квалификациски натпревари за пласмана на ЕП 2018 во Хрватска. Голманот на Барселона е на списокот на репрезентативци на кои смета новиот селектор на македонската репрезентација, Раул Гонзалес, што ќе биде негово враќање во националниот состав од кој беше „избришан“ од Лино Червар пред СП во Франција во јануари годинава.

Иако по „прескокнатото“ СП во Франција се шпекулираше дека Борко Ристовски нема да ја прифати понудата да се врати во репрезентацијата, сепак голманот на Барселона одлучи повторно да застане на македонскиот гол и да и помогне на репрезентацијата во завршните квалификации за ЕП 2018. За своето враќање во националниот состав, Ристовски вели дека пресудна била желбата да игра за Македонија и да се даде најдоброто за македонската репрезентација, но и разговорите со новиот селектор и со претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

За моето враќање во репрезентацијата, во принцип пресудни беа неколку работи. Прво, верувам дека Раул Гонзалес е амбициозен тренер за да би бил лажно задоволен со освоено 15.место и верувам дека го сака најдоброто во репрезентацијата, наместо смислување „игри“ за лични успеси и ситни профити. Но, пред се, одлучи мојата желба да играм за својата држава и за својата репрезентација за која имам дадено многу и ќе давам и во иднина. Кога играте за својата репрезентација зборот „давање“ е секогаш приоритет, барем за мене. Јас имам една татковина и една репрезентација“ – истакнува Борко Ристовски во изјавата за ЕКИПА.

Дополнителен мотив да се врати и да и помогне на македонската репрезентација во борбата да се зачува континуитетот и да се обезбеди пласман на ЕП 2018 во Хрватска на претстојните квалификациски натпревари, за македонскиот голман бил и коректниот однос и поддршката од раководството на РФМ.

„Морам да кажам дека имав многу коректен разговор и со претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, отворивме теми за кои што вообичаено не се разговарало досега и драго ми е поради тоа. Се надевам дека во иднина ќе функционираме како репрезентација, како федерација и како народ кој што најпрво го цени сопственото, па потоа дава почит и кон странското. Повеќе не би сакал да разговарам на оваа тема. Се надевам дека во иднина се ќе се одвива во најдобар ред и дека сите заедно ќе се бориме за македонската репрезентација и за иднината на македонскиот ракомет“ – вели македонскиот „министер за одбрана“ кој веќе в недела со Барселона го очекува тешкото гостување во Кил во четвртфиналето од Лигата на шампионите што ќе биде и добро загревање за репрезентативнот предизвик што следува потоа.

Македонската репрезентација на 4 мај во Скопје го пречекува Исланд, а на 7 мај гостува во Рејкјавик. Во последните два натпревари од овој квалификациски циклус, на 15 јуни е дуелот против Украина на гостински терен, а на 17 јуни реваншот со Чешка во Скопје.

По првите две кола Македонија има една победа против Украина и пораз од Чешка. По два бода од првите два меча имаат и другите три репрезентации во групата. Пласман на ЕП 2018 обезбедуваат двете најдобри селекции во групата.

Се вчитува...