Министерот за спорт, Борко Ристовски, во интервју за Радио Лидер истакна дека за неполни две години од министерството направиле многу во спортската инфраструктура и тоа за него како поранешен спортист и сега како спортски функционер е посебна гордост.
Ристовски зборуваше на повеќе теми поврзани со работата на Министерството за спорт во изминатите две години, реализираните проекти, како и за плановите и проектите што се во најава.
„Резултатите се единствено мерило по кое треба да се мери работата и успешноста. Јас сум особено горд што заедно со целиот тим во Министерството за спорт, со поддршка од Владата и од премиерот Христијан Мицкоски, направивме многу особено во делот на спортската инфраструктура. Да реконструираш 5 спортски сали, некои завршени некои во тек, да почнеш 3 нови спортски сали, да направиш над 50 мултифункционални игралишта низ целата држава и 7 базени за неполни две години не е мала работа. Направивме сериозен напредок во спортската инфраструктура и јас сум горд на сето тоа. На Македонија, генерално, и недостасува спортска инфраструктура и токму затоа еден од приоритетите на Министерството за спорт во изминатиот период беше изградба и реконструкција на спортската инфраструктура и тука нема да застанеме“ – истакна Ристовски.
Министерот за спорт во интервјуто најави дека следната недела официјално ќе биде пуштена во употреба салата „Расадник“ во Скопје која е комплетно реконструирана.
Во најава е и комплетна реконструкција на отворениот базен „Плаја Виста“ како и на целиот спортски комплекс што се наоѓа под скопското Кале. Ристовски соопшти дека веќе разговарале со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и дека по класификацијата како национален спортски објект, Министерството за спорт заедно со Град Скопје ќе направат заеднички проект и заеднички ќе ја финансираат реконструкцијата на овој спортски комплекс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
