Борко за Лино: Прости му Боже, не знае што прави…

Борко Ристовски повторно е дел од македонскиот национален тим и сигурно ќе биде значаен адут на селекторот Раул Гонзалес во обидот да се совлада Исланд и да се обезбеди пласман на Европското Првенство што следниот јануари ќе се одржи во Хрватска. Голманот на Барселона сепак потенцираше дека предизвикот пред претстојниот двомеч е огромен, особено што Исланд во однос на последниот мундијал ќе биде посилен за Арон Палмарсон.

Оваа репрезентација е дел од мене, од мојот живот, од мојата историја и нормално дека секогаш предизвикува огромни емоции. Одговорноста да се биде дел од репрезентацијата е голема, јас во секој случај сум презадоволен бидејќи повторно сум дел од националниот тим. Мислам дека за разлика од СП, Исланд сега ќе биде посилен за Палмарсон, што е дополнителна опасност за нас. Овој Исланд против кој ќе играме в четврток е многу поквалитетен од оној што го гледавме на последното Светско првенство бидејќи Палмарсон е еден од најдобрите светски играчи на својата позиција. Не само што тој е опасен сам по себе, туку со фокусот на одбраната на него ќе се остави повеќе простор за останатите исландски репрезентативци, кои исто така се многу квалитетни“ – изјави Ристовски.

Тој има голема доверба во новиот селектор Раул Гонзалес, иако му е јасно дека шпанскиот стратег ќе нема премногу време за да ги наметне своите тактички замисли.

На ваков тип на собири има премалку тренинзи за да се внесат којзнае колку нови работи. Раул сигурно ќе се обиде да го наметне својот стил на игра, но и да го извлече максимумот од секој поединец во овие три-четири дена тренинзи и тоа е тоа. Немаме време за коренити промени, но сигурен сум дека Раул знае што прави и ќе донесе резултат“ – истакна голманот на Барселона.

Според Ристовски, Македонија мора да создаде менталитет да оди на победа на секој натпревар, како на домашен, така и на гостински терен,

Не сме во позиција да најавуваме убедливи победи. Ние имаме квалитет, но да не заборавиме дека и Исланд исто така е многу квалитетна репрезентација, не треба да бркаме гол-разлика и да атакуваме на што поубедлив триумф, според мене доволно ќе биде и минимално да славиме во Скопје, а потоа да се обидеме истото да го повториме и во Рејкјавик. Тоа е многу подобра варијанта отколку да славиме тука со седум гола, а во Исланд да загубиме со шест. Спортски гледано на секој натпревар треба да се оди на победа, тоа е мојот став и верувам дека е поинтелигентно и поспортски отколку да се прават било какви калкулации“ – истакнува Ристовски.

Голманот на Барселона потенцираше дека изоставувањето од последниот мундијал нема да биде дополнителна мотивација, бидејќи тоа никогаш не му недостигало кога бранел за Македонија. Сепак, Ристовски имаше посебен коментар за Лино Червар, поранешниот селектор од кого беше оценет како „емоционално истрошен“.

Мотивот кога играм за репрезентацијата секогаш бил исто. Можеби тоа СП на физички план лично за мене дојде добро бидејќи добив одмор кој во претходните години редовно изостануваше. Самиот настап за репрезентацијата е доволен мотив сам по себе и нема потреба од дополнителен мотив или докажување кога ќе се облече дресот на националниот тим. Не сакам да коментирам личности кои немаат влијание врз мојот живот. Неговите зборови не можат да ме мотивираат бидејќи тој човек нема никакво значење за мене. Јас сум Христијанин, верувам в Бога и на оваа тема можам само да кажам: Прости им Боже, не знаат што прават“ – во свој стил прокоментира Борко Ристовски.

Се вчитува...