Кошаркарскиот клуб Маџари официјално доби нов претседател. Управниот одбор на клубот му ја довери функцијата на Боро Атанасовски, кој во наредниот период ќе го предводи актуелниот вицешампион на Македонија.
Од клубот истакнаа дека назначувањето на Атанасовски претставува почеток на ново поглавје, во кое Маџари ќе има високи амбиции како на домашната сцена, така и во настапите во АБА2 лигата.
Боро Атанасовски е успешен стопанственик и поранешен фудбалер на ФК Маџари, а со години активно е вклучен во поддршката на спортот и спортските колективи. Во клубот веруваат дека неговото искуство, визија и посветеност ќе придонесат за натамошниот развој на Маџари и остварување на зацртаните цели.
„Особено нѐ радува што го препозна потенцијалот на КК Маџари и ја прифати одговорноста да биде дел од нашата приказна. Му посакуваме многу успех во новата улога и веруваме дека заедно ќе испишеме нови страници исполнети со победи, на домашната сцена и во АБА2 лигата“, порачаа од клубот.
Со назначувањето на новиот претседател, КК Маџари најавува продолжување на амбициозниот проект, со цел да остане во самиот врв на македонската кошарка и да остави значаен белег и на регионалната сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
