Борусија Дортмунд доведе засилување од 20 милиони евра

Неполни 24 часа откако официјално го промовираа Питер Бош за нов тренер, челниците на Борусија Дортмунд го комплетира и првиот трансфер за засилување на играчкиот кадар за следната натпреварувачка сезона. Германскиот фудбалер Максимилијан Филип пристигна меѓу „милионерите“ од редовите на Фрајбург, откако раководството на Борусија се согласи да плати 20 милиони евра, сума што Фрајбург ја одреди за овој квалитетен 23-годишен играч, кој минатата сезона ја заврши со девет постигнати гола и пет асистенции.

За услугите на Филип, кој одлично се снаоѓа и како централен напаѓач. но и како крилен офанзивец, во изминатиот период се интересираа уште неколку клубови од Германија, но и англиски премиерлигаши. Сепак, Борусија реагираше експресно и успеа да го договори трансферот, па Филип денеска потпиша петгодишен договор со „милионерите“.

Според германските медиуми, станува збор за фудбалер кој најдобро се снаоѓа по крилните позиции, а неговиот ангажман остава простор за заминување на Дембеле, кој во изминатиот период ја критикуваше управата на Борусија и би можел да биде продаден во текот на летниот преоден рок.

Се вчитува...