Борусија Менхенгладбах се израмни со Лајпциг, Баерн до триумф во финишот

Борусија Менхенгладбах очекувано го совлада Падерборн со 2-0 на домашен терен и се израмни на врвот на табелата во Бундес-лигата со Лајпциг, со по 34 бода. Аласане Плеа на самиот старт од второто полувреме донесе водство за Борусија Менхенгладбах, а вториот гол од пенал го постигна Ларс Штиндл во 67.минута од мечот.

Баерн Минхен се наоѓа на третата позиција со 30 бода по триумфот над Фрајбург (1-3) остварен со два гола во судиското продолжение. Роберт Левандовски во 16.минута донесе водство за баварскиот тим, но израмни Винченцо Грифо во 59.минута.

Сепак, младиот Џошуа Зиркзе во 92.минута и Серж Гнабри во 95.минута обезбедија важен триумф за Баерн Минхен.

Келн на гости славеше против Ајнтрахт Франкфурт со 2-4, а Волфсбург и Шалке ремизираа 1-1.

Се вчитува...