Бошко Ѓуровски: Пресреќен сум за Македонија и за Србија, на чекор се до Европско првенство

Поранешниот македонски селектор Бошко Ѓуровски го изрази задоволството што Македонија и Србија стигнаа во финалето на плејофот од Лигата на нации и се на чекор до пласман на Европското првенство. Жали за селекцијата на БиХ, затоа што тогаш, како што вели, цела поранешна Југославија би можела да биде дел од ЕВРО.

„Пресреќен сум, Македонија и Србија се на чекор до Европско првенство. Тоа мора да го радува секој фудбалски вљубеник на овие простори. Искрено, жал ми е за Босна. Доаѓањето на Душко Бајевиќ донесе некоја нова енергија и сите мислевме дека можат да се пласираат на ЕП“, вели Бошко Ѓуровски.

Тој потенцира дека Лигата на нации е фантастично решение на УЕФА и супер можност за условно помалите репрезентации да направат големи резултати.

„Одушевен сум од форматот на Лигата на нации кој им дава шанса на малите репрезентации да станат дел од најголемиот европски фудбалски настан. Тоа е прав потег на УЕФА и одлична можност фудбалот да се популаризира совршено на сите страни од континентот“, истакнува поранешниот македонски селектор.

Се вчитува...