Бошковски на местото на Кастратовиќ на чело на Пролет

Андон Бошковски е изборот на раководството на Пролет за тренер на скопскиот суперлигаш за наредната сезона, откако двете страни денеска и официјално потпишаа двогодишен договор за соработка. Пролет ланската сезона ја заврши на третото место на домашната ракометна сцена, па овој тим сезонава ќе биде дел и од европските натпреварувања.

Бошковски минатата сезона ја почна како предводник на проектот Голден Арт КЛ7, клуб со кој бележеше добри резултати и овозможи развој на младите ракометари на оваа екипа. На почетокот од годинава тој си замина од скопскиот суперлигаш, нешто подоцна го прифати предизвикот во Радовиш и со серија извонредни резултати му овозможи на овој клуб да опстане во елитното друштво.

Андон Бошковски во кариерата пред овие два клуба ги има водено и Струга, Еурофарм Работник, Работнички, Вардар и Младост Богданци, тој беше помошен тренер во Металург и во македонската ракометна репрезентација, додека од меѓународните предизвици во тренерската кариера беше селектор на Грузија, а извесно време мина и во романскиот клуб ХЦМ Роман.

Воедно, Тинекс Пролет му се заблагодари на досегашниот тренер Зоран Кастратовиќ за успесите под негово водство и му посака многу среќа во натамошниот дел од кариерата.

Се вчитува...